Македонскиот туристички центар Охрид влегува во постсезоната со поделени впечатоци и мислења за успешноста на главната туристичка сезона. Додека едни сметаат дека се' уште е рано да се прави ваква анализа, бидејќи туристичката сезона се' уште не е завршена, други уште сега даваат оптимистички квалификации. Димитри Пендовски, сопственик на ресторанот „Света Софија“ и на ресторанот и плажата „Потпеш“ кај Канео, е многу задоволен од фактот што во градот се присутни голем број странски туристи од Грција, Турција и Холандија. Згора на тоа, за неколку дена почнува и периодот на многубројните семинари и конгреси.
Македонскиот туристички центар Охрид влегува во постсезоната со поделени впечатоци и мислења за успешноста на главната туристичка сезона. Додека едни сметаат дека се' уште е рано да се прави ваква анализа, бидејќи туристичката сезона се' уште не е завршена, други уште сега даваат оптимистички квалификации.
Димитри Пендовски, сопственик на ресторанот „Света Софија“ и на ресторанот и плажата „Потпеш“ кај Канео, е многу задоволен од фактот што во градот се присутни голем број странски туристи од Грција, Турција и Холандија. Згора на тоа, за неколку дена почнува и периодот на многубројните семинари и конгреси.
„Наскоро ќе почне семинарскиот туризам, а во моментов во градот има доста гости од странство. Комплетна анализа може да се направи кон крајот на октомври, но ако сите си зададеме задача да се ангажираме околу тоа како да ја продолжиме сезоната барем за пет дена, тогаш за 10 години таа ќе биде повеќе од доволно долга“, вели Пендоски.
Позитивно расположение манифестираат и од Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид. Од таму летната туристичка сезона ја оценуваат како позитивна.
„Имајќи го предвид краткиот период кој го имавме за да ги подготвиме сите новитети од локалната самоуправа, но и лошите временски услови во јуни и јули, сезоната можеме да ја оценеме како позитивна. Според статистичките податоци кои се водат за сезоната заклучно со месец јуни, имаме 23 отсто зголемен број странски туристи и ноќевања, а 2,6 отсто намалување кај домашните. Сепак, забележано е 13,3 проценти зголемување на вкупниот број туристи во однос на минатата година. Аналогно на тоа, туристичката такса заклучно со јуни е за 29 отсто зголемена од лани“, вели Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам при Општина Охрид.